Проруските власти во јужниот украински регион Херсон денеска објавија дека ќе започнат со евакуација на лицата со намалена подвижност од окупираниот град Каковка, што е дел од поширокото раселување на цивилите од источниот брег на реката Днепар.
Русија минатиот месец го напушти западниот брег, вклучувајќи го и градот Херсон, во едно од најголемите повлекувања во војната во Украина.
Како што наведуваат странските агенции, повлекувањето значи дека Днепар сега е првата линија на војната на југот на земјата, при што двете страни разменуваат жесток оган од нивните позиции на спротивните брегови.
Администрацијата на Каковка, назначена од Русија, објави дека неподвижните луѓе ќе бидат однесени во областа Хеническ на југоисток. „Грижете се за себе и за вашите најблиски!“ гласи објавата на Телеграм во која властите ги охрабруваат луѓето да аплицираат за евакуација.
Пред да се откаже од Херсон, Русија евакуираше десетици илјади жители во операцијата што Украина ја опиша како присилна депортација.
Властите во Херсон сега ги повикуваат луѓето да напуштат делови од источниот брег, ветувајќи им дека ќе бидат згрижени на друго место.