Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, вечерва во Брисел изјави дека моменталната ситуација на Косово е неприфатлива и затоа од земјите членки на ЕУ побарал, доколку е потребно, да ги зајакнат своите сили во рамките на ЕУЛЕКС.

На прес-конференцијата, по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, Борел кажа дека „од август регионот живее во маѓепсан круг на тензии, провокации и акции што ескалираа во последните неколку дена и предизвикаа сериозни безбедносни инциденти, вклучувајќи го и нападот врз мисијата ЕУЛЕКС и врз косовската полиција“.

Тој додаде дека барикадите ги блокираат патиштата во Косово, што, како што рече, е „неприфатливо од партнерите кои сакаат европска иднина“.

-Оваа ситуација мора да заврши и да се отстранат барикадите. Мора да се врати мирот. Советот на ЕУ јасно ги повика двете страни да се смират и да се воздржат од насилни и провокативни акции, додаде Борел.

Тој, исто така, кажа дека неодамна ревидираниот предлог на ЕУ, поддржан од Германија и Франција, што беше проследен до Белград и Приштина, сега има „силна поддршка“ од сите 27 членки на Унијата.

Шефот на дипломатијата на ЕУ изрази надеж дека Белград и Приштина ќе се заложат за деескалација на ситуацијата и враќање на дијалогот.

-Партиите мора да се вратат на дијалогот. Тоа е задачата што ЕУ ја доби од Генералното собрание на Обединетите нации, а и јас како медијатор. Ова е неопходно и за двете страни на нивните  европски патишта. По летните инциденти излеговме со предлог за двајцата лидери, го ажуриравме во последните недели, по последниот договор што го постигнавме за табличките, за кој се надевавме дека ќе избегнеме тензии. Ние го понудивме тој предлог и мора итно да го презентираме. Среќен сум што ја добивме силната поддршка од сите министри за оваа иницијатива. Сега тоа е предлог на 27 земји од ЕУ, рече Борел.

Шефот на ЕУ дипломатијата додаде дека поради актуелната ситуација на Косово, побарал од специјалниот претставник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, во среда да ги посети Белград и Приштина.

-Последните инциденти потврдуваат загрижувачка спирала во односите што носи штетни последици за народот на Косово, Србија и регионот, рече Борел.

Тој додаде дека посетата на Лајчак на Белград и Приштина ќе се случи ден пред самитот на лидерите на ЕУ.

Борел прецизираше дека на тој самит лично ќе ги информира лидерите на ЕУ за ситуацијата на Косово.