Филмовите од Меѓународниот фестивал „Богородичен покров“ минатата година имаа над 25 000 гледачи. Ова е извонредна бројка, имајќи предвид дека станува збор за некомерцијален проект, посветен на духовни и хумани вредности.
Негувањето на овие вредности е многу важна мисија и на народот му се многу потребни, порачува во изјава за МИА Зорица Костовска, основач и директор на овој фестивал во пресрет на вечерашниот старт на неговото седмо издание.
Фестивалот почнува со онлајн проекција на документарниот филм „Земниот живот на Исус Христос“. Гледачите во рамки на овој фестивал ќе имаат можност до 25 декември да видат проекција на документарни и играни филмови посветени на културното, духовно наследство и хуманоста, како и историски и биографски филмови.
Фестивалот е основан во 2016 година, а оваа година, како што потенцира Костовска, ќе прерасне во мултимедијален проект под Покровот на Пресвета Богородица и со издаваштво, музички концерти, изложби и други културни и уметнички настани, кои би се одвивале во текот на целата година, согласно можностите.
Инаку, фестивалот втор пат ќе се организира на Јутјуб платформата, а Костовска се надева дека во иднина ќе се одвива паралелно, и во кино сали и онлајн.
Почесен претседател на фестивалот е проф. д-р Јован Таковски, протојереј ставрофор. Фестивалот е основан од Зорица Костовска, ТВ и филмски продуцент и теолог и од покоен Коле Јовановски, ТВ и филмски монтажер.
И оваа година традиционално покровители на фестивалот се Руската Амабасада во Скопје, Неофит-руска продукција и компанијата Лукоил, кои ги поддржаа руските филмови на фестивалот, Еврејската заедница која го поддржа филмот „Приказна за Вишња“, Филмскиот фестивал „Бдење душе” од Србија, со обезбедување на филмовите од Србија, почесниот конзул на Босна и Херцеговина во земјава, Билјана Дамјановска –Јанчевска која даде поддршка на филмовите од РТРС, Република Српска.
Зорица Костовска за МИА информира дека во рамки на фестивалот годинава првпат ќе се промовира книгата на авторот Миле Гиновски, насловена „Како ја видов Мајката Божја-Богородица“.
Книгата зборува за сведоштво за чудото на јавувањето на Пресвета Богородица во манастирот Согле, близу Богомила, кога тој како дете со неговиот дедо и сестра му го виделе јавувањето на Пресвета Богородица во овој храм.
Промотори на книгата се проф.др.Јован Таковски, протојереј ставрофор и проф.д-р Цане Мојановски, а ќе се одржи во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“, на 22 декември во 19.30 часот.
-Книгата беше промовирана на Света Гора, а сега првпат и кај нас. Издавањето на книгата го помогна Повардарска Епархија. Ги покануваме сите да присуствуваат на овој прекрасен духовен настан, додава Костовска.
Во филмот „Земниот живот на Исус Христос“ од Русија, што ќе се прикажува вечер, се покажуваат местата поврзани со животот на Господ Исус Христос, од неговото раѓање до неговата смрт на Крстот и Воскресението. Чекор по чекор се прикажува животниот пат на Господа. Филмот само во Русија го виделе над 2,5 милиони гледачи.
Во рамки на програмата, утревечер ќе се прикажува филмот „Маалула“, од Република Српска, Босна и Херцеговина.
-Филмот е репортажа за единственото село во Сирија, Мааалула во кое, заедно со малите соседни села Џабадан и Асарка се зборува и денес на јазикот на кој зборувал Господ Исус Христос. Арамејскиот народ се служел со овој јазик од првиот век од нашата ера до седмиот век од нашата ера, објаснува Костовска за МИА.
На 18 декември ќе се прикажува репортажата „По стапките на апостол Павле“, исто од Република Српска, Босна и Херцеговина, која зборува за христијанството во Дамаск, кое се појавило во првиот век и за црквите и манастирите во овој град. Се прикажува најстарата улица во светот Шареа, во Библијата позната како Права улица, во која апостол Павле прогледал и Исус Христос го упатува да го шири христијанството.
На 19 декември ќе се одвива проекција на документарниот филм „Свети Никола-вистинска приказна“ од САД во продукција на „Lachlan Creative & Vision Video“, за животот на Св.Никола, снимен на автентични места од неговиот живот.
На 20 декември, пак, ќе се прикажува „Ватопед“ од Србија во продукција на „Positive Production“. Историчарот на уметноста Душан Миловановић, говори за еден од најбогатите манастири на Атос, Ватопед, кој е изграден во 13 –от век. Во него престојувал Свети Сава, имал најголема библиотека, а денес има најдрагоцени и најголем број икони, од кои најстарите се од 12-от век.
Подоцна истата вечер ќе се одржи проекција и на „Приказна за Вишња“ од Србија во продукција на РТС. Следната вечер ќе се прикажува документарниот-истражувачки филм Домот на ангелите од Србија.
Според програмата на фестивалот, на 23 декември ќе се прикажуваат филмовите „Старците и руската литература: Фјодор Достоевски“ и „Старците и руската литература: Александар Пушкин“ од студио „Неофит“ од Русија.
Наредниот ден, 24 декември, е резервиран за проекција на документарниот филм „Христијански Симболи“ од земјава и е дел од серијата Симболи, резултат на документарно петгодишно истражување во кое се говори за континутетот на историјата на МПЦ –ОА од времето на апостол Павле до денес и за христијaнските симболи. Учествуваат Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и голем број на врвни меѓународно признати авторитети меѓу кои академик Петар Илиевски, академик Цветан Грозданов, д-р Ана Шукарова, д-р Ѓоко Ѓоргевски, д-р Елизабета Димитрова. Филмот е на македонски јазик, и има верзија на српски и на англиски јазик.
-За прв пат се прикажува на овој фестивал во чест и спомен на повеќе соработници кои починаа, меѓу кои Драги Таневски, директор на фотографија и Коле Јовановски, монтажер и режисер, обајцата со голем број интернационални и награди кои ја испишаа во својот работен век ТВ историјата на МПЦ-ОА и на Македонија. Исто така, и во спомен на сите врвни научници кои веќе не се со нас, а чии дела вечно ќе бидат дел од македонското наследство, додава Костовска.
Последната вечер од фестивалот, на 25.декември, ќе се одржи проекција на „Писменост“, од продукција „Топ Ворлд“ од Македонија, документарен филм од серијата Симболи од архивата на Топ Ворлд. Говори за континуитет на писмото и јазикот во Македонија од античко време до неговото прогласување за службен јазик на 2 август 1944. година во манастирот Прохор Пчински, на историското заседание на АСНОМ.
Костовска изрази благодарност до Канал 5, ТВ Алфа и МИА за поддршката на преводот и титлувањето на одреден број филмови, како и до другите пријатели и спонзори на фестивалот.
Бисера Трајковска за МИА