Владиката г.г. Стефан забрани погреби за време на празнувањето на Св. Никола и правилото почнува да се применува од оваа година. Починатите од сабота, недела и од понеделник ќе се погребуваат во вторник, пренесува А1он.

Скопската православна епархија за „А1он“ потврди дека нема погреби за време на празнувањето на Св. Никола, но верниците ќе треба да ги одложат погребите и за време на Божик и Велигден.

По барање на целокупното свештенство од Скопската православна епархија, а за што се известени и директорите на АД ‘Бутел’ – Скопје, архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан дал благослов на денот на празнувањето на Св. Никола да не се извршуваат погребенија, пракса што црквата ќе ја применува и за саботните задушници, како и за празниците Божиќ и Велигден, кусо објаснуваат за „А1он“ од Скопската православна епархија.

Од управата на Градските гробишта „Бутел“ за „А1он“ неофицијално појаснија дека забраната се однесува на верските обреди поврзани со погребите, а не и на самиот чин на погребување. Доколку некој реши, погреб може да се организира, вклучително со изложување на починатиот во капела, но нема да има поп. Нивните служби се достапни за граѓаните без прекин во текот на целата година.