Некој намерно не ги решава проблемите, а некој не знае или нема визија, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на гостувањето на МТВ укажувајќи дека следната 2023 година ќе биде тешка година и полна со предизвици.
„Следи 2023 година која ќе биде значајна за Македонија од многу аспекти, многу предизвикувачка, ќе расте задолженоста, ќе нема пари, ќе расте инфлацијата повторно, притисокот од војната во Украина се повеќе ќе се засилува, енергетската и економската криза ќе бидат девастирачки за многу компании, многумина ќе останат без работа, ќе заминуваат ќе бараат работа надвор. Никој за тоа не се подготвува, никој за тоа не зборува“, рече Мицкоски.
Според него надлежнитте се што прават е само од денес за утре, не работат со план.
„Секој гледа од денес за утре од овие владини функционери. Да помине денот, колку може за себе да приграби. Се однесуваат како ова да им е последно во животот“, рече Мицкоски.

Што се однесува до Арсовска, тој истакна дека се поочигледна е коалицијата меѓу Данела Арсовска и Димитар Ковачевски, додавајќи дека е згрозен од лагата, како што вели тој, алудирајќи на изјавата на Арсовска која рече дека добила закани од Мицкоски дека ќе ја влечел по под.

„Згрозен сум дури и да дадат одговор на оваа измислица. Тоа не е дел од мојот каратер ниту воспитување. Некои ми велат дека слабост ми е тоа што сум толерантен и попустлив. Но јас да не зборувам за мене, за тоа треба да кажат другите. Жалам што направив погрешна проценка за карактерот на човекот кој го поддржав денеска да биде градоначалник на Скопје. Верував бидејќи препораките и биографијата беа солидни и до ден денеска верувам дека тогаш направивме вистински чекор, бидејќи направивме победник, но жалам што поддржав човек кој сега се фокусира на ниски страсти, лаги, конструкции поучен од не многу ликови кои се дел од нејзиното опкружување наместо да испорачува за Скопје, таа се фокусира да растура пердуви за мене и лаги и конструкции, рече Мицкоски.