Мировната мисија на НАТО во Косово, КФОР, ги потврди информациите објавени во косовските медиуми дека синоќа имало пукотници во близина на нејзина патрола кај Зубин Поток во северно Косово, каде што локалните Срби имаат поставено барикади на патиштата кои водат кон граничните премини со Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштение до медиумите, КФОР наведува дека станува збор за патрола со војници од Летонија и дека во иннцидентот немало повредени.

– Во моментов можам да кажам дека пред неколку часа патрола на КФОР, која што била на задача во околината на Зубин Поток, слушнала и видела неколку пукотници во своја близина. Нема повредени и нема материјална штета. Сега ги проверуваме фактите и накнадно ќе објавиме дополнителни информации, се  вели во соопштението.

Со ова КФОР го демантира лидерот на најголемата партија на косовските Срби, Српска Листа, Горан Ракиќ, кој за белградската телевизија Пинк изјави дека се работи за дезинформација и дека кај Зубин Поток немало никакви пукотници.

– Сакам да ги негирам извештаите во приштинските медиуми дека имало напад врз единица на КФОР. Нашите информации од терен велат дека немало никаков напад. Ситуацијата е мирна, изјави Ракиќ.

Косовските Срби на 10 декември поставија барикадите на патиштата кои водат кон границата со Србија, во знак на протест поради апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција, Дејан Пантиќ, кој се сомничи дека организирал напади со експлозивни направи и огнено оружје врз општинските изборни комисии и врз полициски патроли во тој дел од Косово.

Во четири општини во северно Косово, населени со мнозинско српско население, на 18 декември требаше да се одржат вонредни локални избори, откако досегашните градоначалници и членови на советите поднесоа оставки на функциите поради намерите на владата на Албин Курти да изрекува казни за тие што не ги смениле нелегалните српски со косовски регистерски таблички.

По притисок од западните сојузници, пред сé на САД, првин на почетокот на ноември Курти се откажа од намерата за казнување на сопствениците на српски регистерски таблчички, а подоцна, на 9 декември и претседателката на Косово, Вјоса Османи објави дека се одлагаат вонредните избори за 23 април идната година.