По неколкунеделните реакции во јавноста за грешките што се најдоа во новите учебници за основно образование, почнаа реакции и за новиот учебник по албански јазик за петто одделение.
Имено, во лекцијата каде што учениците учат како правилно да пишуваат датуми и скратеници на земји или организации чии имиња се состојат од два, три или повеќе збора, меѓу другите, како пример се најде и кратенката ДУИ – Демократска унија за интеграција.
Освен оваа, како примери се наведени и кратенките РСМ, САД, МОН и ООН.
„Кога имињата на земји, на различни организации итн. се состојат од два, три или повеќе збора, се користат кратенки. Овие ознаки се пишуваат и изговараат со кратенки користејќи ги првите букви од зборовите. Пример РСМ (Република Северна Македонија), САД (Соединети Американски Држави), МОН (Министерство за образование и наука), ООН (Организација на Обединетите нации), ДУИ (Демократска унија за интеграција) итн.“, се наведува во лекцијата.
Учебникот во кој се „протна“ ДУИ е издаден годинава. Негов автор е Вехби Кадриу, а издавач е МОН.
-Бараме учебникот по албански јазик за петто одделение итно да биде повлечен од употреба, а заедно со него и „партискиот емисар именуван министер“, изјави денеска портпаролот на Алијанса за Албанците, Наим Бајрами.
– Ако сакате да уништите еден народ без војна, уништете му го образованието, а еден од „најдобрите“ начини да го постигнете тоа е политизација и партизација на образованието. Со години го креваме гласот против различните облици на партизација на образованието. Од оваа власт слушнавме само ветувања дека ќе работат на деполитизација, а во реалноста го направија спротивното, со воведување на партијата во секоја пора на образованието. Неодамна партијата влезе и во учебниците и во текстовите на најчувствителните возрасни групи. ДУИ веќе влезе како пример во учебникот по албански јазик за петто одделение, поточно на лекцијата за кратенки, каде што се споменуваат примери на земји и меѓународни институции, рече Бајрами.
Како што додаде тој, ова е „скандалозна злоупотреба на учебниците за партиска пропаганда, за индоктринација на деца, слично како во времето на комунизмот и времето на другарот Тито и другарот Енвер“.
– Тоа е срамна сервилност на самиот автор Вехби Кадриу, таткото на поранешниот кандидат на ДУИ, Ендрин Кадриу, кој потоа беше назначен за директор на Радиодифузија, изјави Бајрами, нарекувајќи го притоа министерот за образование и наука Јетон Шаќири – „министер за уништување на образованието“.