Сопругата на министерот за економија, Крешник Бектеши успеала да се вработи во Агенцијата за остварување права на заедниците.
Според документите кои ги објави повеќе медиуми, Улка Каба Бектеши е вработена на позицијата виш соработник за изработка на проекти во секторот за изработка на проекти и комуникација со невладините организации во Агенцијата која е под директни ингеренции на владата.
Согласност за нејзино вработување дал министерот за финансии Фатмир Бесими, додека неговиот колега во владата министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити кој доаѓа од редовите на Алтернатива, вели дека првпат слуша за вработувањето на сопругата на Бектеши и додава дека владата секогаш вработува според заслуги.
Пред две години бурни реакции во јавноста предизвика вработувањето на сестрата на министерот за економија Крешник Бектеши, Влора Бектеши во АД МЕПСО како референт во Секторот за правни и општи работи и тогаш тој тврдеше дека не ургирал за нејзиното вработување, туку таа сама се вработила.
Поради судир на интереси прекршочна пријава му поднесе Антикорупциска комисија, по што министерот плати казна од 500 евра.