На денешен ден 1945 година, поточно во ноќта меѓу 15 и 16 јануари се извршени двете најмасовни и најбрутални стрелања на Македонци во Македонија во времето на Титова Југославија.
Без судење и почитување на пресумцијата на невиност, во најголема тајност и итност, од истражниот затвор на ОЗН-а во Велес се егзекутираа 53, според најновите истражуања 86 затвотреници, а во Куманово 48 затвореници под глобално сомневање дека се „народни непријатели“.
Полувековниот молк го прекинал Титовиот биограф, политичарот и академик д-р Владимир Дедиер кој во април 1990 година во двонеделникот „21“, орган на тогашниот ЦК СКМ, отворено го обвинил некогашниот шеф на КОС, генералот Јефто Шашиќ, кој во Велес „една ноќ ги зграпчил затворениците за гуша и без сослушување сите ги стрелал“.
Во автобиографските белешки, објавени посмртно во 1999 година претседателот на Президиумот на АСНОМ Методи Андонов Ченто обелоденил дека за стрелањата во Велес и во Куманово дознал од семејствата, откако тие биле извршени без да биде информиран и консултиран.
Како иницијатор тој го посочил Едвард Кардељ, а за наредбодавач Лазар Колишевски.
Истиот ден отпатувал за Белград каде објаснување побарал од маршалот Јосип Броз Тито, кој исто така не бил информиран и веднаш издал наредба да престанат стрелањата без судење.
Според Дедиер, во тој период во Југославија без судење биле ликвидирани 140.000 луѓе.
Во Солун е формирана Народната федеративна партија
На денешен ден во 1909 година во Солун е формирана Народната федеративна партија, легална граѓанска политичка партија во Македонија, чии основни цели биле обласна политичка автономија на Македонија во рамките на Турција, аграрна и даночна реформа, работничко законодавство, соработка со прогресивните движења во Турција и борба против балканскиот империјализам.
Меѓу најпознатите македонски револуционери – припадници на оваа партија се Димитар Влахов, Јане Сандански, Анастас Митрев, Димо Хаџи Димов и други.
На денешен ден во 1875 во селото Селци, Дебарско, е роден Војдан Поп Георгиев – Чернодрински.
Тој е македонски драмски писател, театарски режисер, артист и основоположник на првиот македонски театар. Автор е на драмите “Македонска крвава свадба”, “Од главата си патиме”, “Робот и агата”, како и на многу други драмски дела непосредно инспирирани од македонското револуционерно минато.
Потекнува од свештеничко семејство. Се школува во егзархиското училиште “Свети Климент” во Охрид, во Солун, во Грац и во Берн. Умре во Софија, на 8 јануари 1951 година.
(Подготви: Д.Г.)