Американскиот претседател Џозеф Бајден изрази сочувство до семејствата на жртвите од хеликоптерската несреќа во Украина и додаде дека САД ќе му оддадат почит на загинатиот министер за внатрешни работи Денис Монастирски, кој, како што рече, континуирано бил посветен на зачувување на демократијата во Украина.
– Ќе го почитуваме тоа наследство преку напорите да ги зајакнеме украинските институции, како и со нашето партнерство со народот на Украина за заедно да го одржуваме пламенот на слободата, рече Бајден.
Најмалку 14 лица, меѓу кои и едно дете, загинаа вчера кога хеликоптер се урна во близина на градинка во киевското предградие Бровари. Во хеликоптерската несреќа загинаа и првиот заменик-министер за внатрешни работи Евхен Јенин и државниот секретар на Министерството Јуриј Лубкович.