Владата на Социјалдемократскиот сојуз и ДУИ е позната по своето недемократско однесување, по својата подмитливост, притисоци и политички хајки. Методите на закани се употребуваат на секое ниво. Прво кон медиумите што го видовме сите на дело пред само неколку дена, а еве деновиве и врз нивните членови кои не се согласуваат со политиките на раководството предводено од Ковачевски.
Јасна е нивната цел, сакаат преку ваквите методи по секоја цена да ја задржат моќта и власта, но и да ја покријат корупцијата чиј што лидери се токму тие, СДСМ и ДУИ, истакна на денешната прес-конференција Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Во продолжение интегрален текст и видео од прес-конференцијата на Митева:
Залудно се трудат да вршат притисок врз било кој пратеник. Тоа е само уште една потврда за недемократските методи со кои се служи на власта. Доколку власта е свесна за своите порази, доколку мисли добро на сите граѓани тогаш без размислување ќе го распушти Собранието или Ковачевски ќе поднесе оставка на целата влада, затоа што тоа е единствениот разумен и логичен исход на ова што ни се случува. Веќе пет години имаме неодржлива ситуација, имаме влада без стабилно мнозинство и влада која дополнително нема легитимитет. Оваа влада нема капацитет да се носи со кризите кои самата ги создаде, а најмалце со политичката криза.
И ова што го прави власта е само одложување на неславниот крај на Владата кој ќе се случи порано или подоцна, или вистинското прашање не е дали, туку прашањето е кога оваа влада ќе падне.
Во Македонија, политичката криза се продлабочува, се тоа е резултат на погубните политики кои ги водат, криминалот, корупцијата и подредената позиција во власта. Порачуваме власта да престане со притисоци и да се соочи со реалноста дека нивниот крај е неизбежен.
Очигледно дека Социјалдемократскиот сојуз и Ковачевски сфатија дека ја изгубиле поддршката на мнозинството граѓани, но сега гледаат дека немаат поддршка ниту од членството ниту од одредени пратеници на мнозинството. Доаѓа времето на промена на власта и одговорност, рече Митева.