„Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков, издание на Literatura.mk е книга за месец февруари на Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ Скопје.
Со делото на Русјаков, добитник на наградата „Пегаз“ (за најдобар необјавен роман во 2021 година) и на „Рациновото признание“, библиотеката ја продолжува големата кампања „ЧитамеСовремениМакедонскиАвтори“.
“Хотел меѓу две војни“ е смел и богат псевдоисториски роман за љубовта на Мустафа Кемал Ататурк и Елени Каринте. Забранета империја во процепот меѓу фактите и фикцијата, меѓу војните и мирот, меѓу срцата и умот во нас, но и надвор од нас. Опсада на Троја соѕидана во душата на Мустафа наспроти јуришот на тагата и болката на Елени испишани во два романа: во долгиот постмодернистички „Хотел меѓу две војни“ на Русјаков и во истоимениот кус, сентиментален роман на Елени, вгнезден во него како резервно женско срце.