Времето ќе биде претежно облачно, попладне во западните и југозападните делови ќе има врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места од снег. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 4, а максималната ќе достигне од 3 до 8 степени.

Во Скопје претежно облачно и тивко. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 6 степени.

Следува период на променливо облачно и постудено време, со повремени слаби врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег, а во пониските од дожд и снег. Во четврток и петок врнежи ќе има на повеќе места и ќе бидат со умерен интензитет.

Магла на Ѓавато

Намалена видливост поради магла до 80 метри има на планинскиот превој Ѓавато, информира АМСМ.

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по наместа влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.

На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.