Најновото заострување на односите меѓу Софија и Скопје нема да го попречи отворањето на процесот на уставни измени, вели во интервју за ТВ Телма вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.
Тој вели дека „институциите реагираа, а политичарите го осудија претепувањето на Христијан Пендиков во Охрид по што, С. Македонија и Бугарија треба да го чуваат пријателството“.
Во таква атмосфера, вели тој, би требало во скоро време да бидат и формулирани уставните измени.
Според Маричиќ, последното зголемување на тензиите на релација Софија – Скопје не е закана за евроинтегративниот процес на Македонија.
-Секако дека не е пријатно, не е позитивно и не е добро, но мислам дека сега засега и самиот министер и премиерот исто така го кажаа тоа, дека тие не гледаат причина да преземаат некакви мерки, вон од тоа што е запишано во заклучоците и во преговарачката рамка. Затоа беше важно за да се заштитиме ние од дневно-политички изјави и ситуации на тензија и набој, да ги имаме овие обврски јасно напишани и од наша страна и од страна на Бугарија, за да го зачуваме духот на пријателството на кое работиме на него дури и во вакви услови вели Маричиќ.
На прашањето што ќе се случува на подолг рок, кога ќе ги отвориме кластерите, тој вели дека штом ги завршиме уставните измени, треба да започне отворањето на Кластерот 1 и на другите кластери.
-Ние во меѓувреме, не го губиме времето, еве веќе сме навлезени во вториот кластер за внатрешен пазар и очекуваме дотогаш да имаме скрининг извештаи за два кластери, за внатрешен пазар и за темелни вредности. Тоа ќе ни овозможи да имаме листа на задачи, вклучувајќи го и Акцискиот план за малцински права на којшто Бугарија инсистираше, да имаме задачи што ќе бидат јасно исцртани до членството. Да бидат тие задачи и европски валидирани, треба да ги прифатат сите, и Бугарија и дригите држави-членки, вели Маричиќ.
Во однос на тоа кко ќе ја натераме Бугарија да даде зелено светло за овој документ, вели дека Софија има интерес тој Акциски план да се усвои што побрзо.
-Бидејќи од тој Акциски план произлегуваат обврските за С. Македонија, но и инструментите за дополнителна заштита на бугарската заедница, од тие што во моментов ги има. Така што мислам дека е во интерес на Бугарија и на сите држави членки и трите патокази – владеење на право, јавна администрација и демократски институции и акцискиот план за малцински права, затоа што тоа ќе и даде на Бугарија практично инструменти да мониторира, што ние правиме по тоа прашање, рече Маричиќ за ТВ Телма.