Од руската амбасада реагираат и кон македонските медиуми кои пишуваат дека Кремљ се меша во внатрешните работи на Македонија, па бараат да се има поодговорен пристап кога се пишува за политиките на Русија

Нема основа за тврдењата на министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, дека сме заинтересирани за конфликт меѓу … Македонија и Бугарија, реагира Амбасадата на Руската Федерација во земјава во врска со една од последните изјави на шефот на дипломатијата.

„Обрнавме внимание на изјавата на министерот за надворешни работи на … Македонија, Б. Османи, во интервју за Радио Слободна Европа на 29.01 дека ‘третиот фактор’ заинтересиран за конфликти во регионот на Западен Балкан, вклучително и меѓу … Македонија и Бугарија, е Руската Федерација. Убедени сме дека нема основа за такви тврдења, а камоли докази, како што беше случај повеќепати. Напротив, придонесот на нашата земја во решавањето на конфликтите на Балканот во изминатите многу децении, вклучувајќи во БиХ и во српската АП КиМ, не може да се прецени“, се вели во реакцијата на Амбасадата на нејзиниот твитер профил.

Секогаш, велат оттаму, постапуваме во согласност со меѓународното право и резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации и сме заинтересирани за просперитет и мирен соживот на сите земји во регионот.

Од Амбасадата на Русија реагираат и кон македонските медиуми кои пишуваат дека Кремљ се меша во внатрешните работи на  Македонија, па бараат да се има поодговорен пристап.

„Апсолутно никаков темел немаат ниту обвинувањата што се шират во низа медиуми за наводно ‘мешање’ на Русија во внатрешните работи на … Македонија и нејзините односи со другите земји, а тоа им е добро познато на сите непристрасни набљудувачи и експерти. Ги повикуваме медиумите во … Македонија на одговорен и професионален пристап при објавување материјали за Русија и принципите на нејзината надворешна политика кои отворено ги декларираме – интеракција заснована на рамноправност, меѓусебно почитување и земање предвид меѓусебните интереси“, велат од руската амбасада.