Белата куќа ги отфрли обвинувањата на Северна Кореја дека воените маневри на САД и нивните јужнокорејски сојузници во Жолтото Море доведоа до ескалација на непријателствата на Корејскиот полуостров, додавајќи дека САД немаат непријателски намери кон Пјонгјанг.
„Јасно ставивме до знаење дека немаме непријателски намери кон Северна Кореја и бараме сериозен и одржлив дипломатски пристап за решавање на цела низа прашања што ги засегаат и Кореите и земјите во регионот“, изјави портпаролката на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Адријана Вотсон, пренесе Ројтерс.
Изјавата на Белата куќа дојде откако Министерството за надворешни работи на Северна Кореја вчера соопшти дека воените маневри на САД и нивните јужнокорејски сојузници во Жолтото Море ја доведоа ситуацијата до „екстремна црвена линија“ и се заканија дека ќе го претворат целиот Корејски Полуостров во „масивен воен арсенал и критична воена зона“.
Во соопштението на севернокорејското Министерство за надворешни работи, кое го пренесе државната новинска агенција КЦНА, Пјонгјанг рече дека не е заинтересиран за дијалог се додека Вашингтон води непријателска политика, пренесува Ројтерс.