Градоначалникот на Благоевград условува: Ќе ги казнам „каменувачите“ на македонскиот клуб кога Скопје ќе ги казни полицајците и цариниците
Двајца вработени во Општинското претпријатие „Озеленување“ на општина Благоевград и нивните сопруги вчера беа приведени поради кршење на стаклото од просториите на Македонскиот културен клуб Никола Ј. Вапцаров во саботата вечерта после 21 часот, пишува софиски 24 часа.
Градоначалникот на Благоевград, Илко Стојанов коментира дека судот е надлежен орган кој може да се произнесе за кривичното дело, а тој како работодавач на двајцата вработени може да се произнесе само за Кодексот на трудот.
– Ако се докаже вина на општинските службеници, јас ќе го применам принципот на реципроцитет на казните. Тоа значи дека ќе ги казнам вработените во Општина Благоевград, со иста казна како што ќе бидат казнети цариниците, граничната полиција и други функционери во РС Македонија, кои што предизвикаа ментално и физичко насилство врз многу Бугари. Во моментот кога ќе бидат отпуштени вработените во С. Македонија кои малтретираа бугарски граѓани, веднаш ќе ги отпуштам вработените во Озеленување на општина Благоевград, рече градоначалникот Стојанов.
Весникот уште пишува дека властите во Македонија изразиле задоволство од постапувањето на полицијата за време на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев и дека ги пофалиле цариниците и полицајците кои „со часови држеле десетици Бугари кои тргнале да се поклоната на гробот на Гоце Делчев во Скопје“.
Освен тоа, се додава дека на десетици лица им е забранет влез во Македонија, а тројца биле уапсени и осудени.