Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска изјави дека на претстојниот дводневен состанок министрите за одбрана ќе разговараат за испраќање авиони во Украина.
-Сега се разговара за прашањето за испраќање авиони и очекувам дека ќе се разговара на утрешната средба во Брисел – рече Столтенберг и додаде дека на Украина, како земја под напад од Русија, и е потребна итна поддршка во форма на борбени авиони како и оружје на теренот.
Тој нагласи дека доколку земјите членки на НАТО испратат авиони во Украина, тоа не би значело дека НАТО влегол во конфликтот.
Ова е сосема спротивно од тоа што го сметаше минатиот месец. На крајот на јануари тој изјави дека НАТО не е и нема да биде страна во конфликтот во Украина, не испраќа војска или авиони, туку поддржува со оружје.
-Ја исклучуваме можноста НАТО да учествува во војната. НАТО не е страна во конфликтот и така ќе остане. Не испраќаме наша војска или авиони во Украина, туку ја поддржуваме со оружје – рече Столтенберг.
Тој додаде дека Украина има право на самоодбрана во согласност со Повелбата на ОН и дека НАТО има право да ја поддржи во заштитата на тоа право.