Европската агенција за животна средина предупреди дека загадувањето на воздухот предизвикува повеќе од 500.000 смртни случаи во Европа секоја година, известува БиБиСи.
Извештајот од агенцијата вели дека нивоата на загадување полека се подобруваат во земјите на ЕУ, но се далеку повисоки од стандардите кои ги имаат поставено ЕУ и Светската здравствена организација (СЗО). Наодите се базираат на податоци од 2015 година од повеќе од 2.500 локации.
-Загадувањето на воздухот е невидлив убиец и ние треба да ги засилиме нашите напори за решавање на причините”, рече шефот на агенцијата, Ханс Бруни.
Проценетиот број на предвремени смртни случаи годинава е зголемен за разлика од претходните податоци, во кои загадувањето на воздухот предизвикало околу 476.000 предвремени смртни случаи во Европа во 2013 година. Околу 422.000 луѓе прерано починале во европските земји во 2015 година поради изложување на штетни нивоа на фина честичка (PM2.5). Овие честички се премногу мали за да се видат или помирисаат, но имаат разурнувачки ефект – предизвикуваат срцеви заболувања, астма и рак на белите дробови.
Европската агенција за животна средина објави дека пошироката проценка вклучена во извештајот покажала дека раните смртни случаи поради PM2.5 биле намалени “за околу половина милион” од 1990 година.
Ова намалување се должи на европските политики за квалитет на воздухот и локалните мерки “кои доведоа до, на пример, почисти автомобили, индустрија и производство на енергија”.
Во 2015 година, концентрациите на PM2.5 беа малку пониски од претходната година, додека нивоата на NO2 и O3 беа повисоки. Регионите со најлоши нивоа на PM2.5 останаа источно-европските земји како Бугарија, Полска и Словачка. Други европски земји над границата на загаденост се Хрватска, Србија, Албанија и Босна.
Македонија е најлоша од сите земји, со повеќе од една третина повисоки нивоа PM2.5 од земјата која следи по неа во извештајот.
Од власта оваа година парите ги распределија за референдумот, како што известуваше во август годинава Телевизија 24 вести. Имено, наместо за еколошки проекти, 160 000 евра државни пари биле пренаменети за „операцијата референдум“.
„Направена е пренамена на средства во две категории, по 5 милиони денари, од категоријата за мониторинг и за инвестиции за животна средина. Станува збор за повеќе од 160 000 евра. Кратењето и на тие како важни средства покажува само немање слух за едно од основните права на граѓаните, а тоа е здрав живот и чист воздух“, изјави тогаш Ели Пешева од Коалиција О2 за чист воздух.
Во контекст на изјавата на Ели Пешева за пренамена на средствата за подобрување на животната средина, заменик министерот за животна средина во август годинава изјави дека парите наменети за референдумската кампања се минорни кога се во прашање аспирациите на Македонија за членството во НАТО и ЕУ.
„Буџетот кој го имавме зголемено за 2018 ќе претрпи намалување, но сакам да уверам дека тоа не е во делот на борбата против аерозагадувањето. Важен е и референдумот и државата треба да обезбеди демократија секој да може да го искаже своето мислење. Од друга страна пак започнувањето на преговорите и влезот во ЕУ и НАТО нуди дополнителни средства за борба против аеро загадувањето“, изјави Макрадули.
Јани Макрадули ден по таа изјава, за Цивил рече дека популизмот не може да ја заштити животната средина и дека се надева на помош од меѓународните институции.
„Не постои земја што се справила со загадувањето или поврзано со животна средина, а да не работи со масовни инвестиции во зелените иницијативи“, изјави Макрадули во август годинава.
Се чини дека иако Европската агенција за животна средина не’ рангира како најзагадена земја во Европа, надлежните институции ги прераспределуваат парите на други места, без да дадат важност на степенот на смртност кај граѓаните во Македонија.
Во декември 2017 година форумот за јавни политики: „Интегриран пристап за заштита на квалитетот на воздухот: Унапредување на соработката помеѓу централната власт, локалната власт и граѓанските организации“, го отворија заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и директорот на канцеларијата за развој на УСАИД, Едвард Гонзалез.
Тогаш Макрадули изјави дека сите досега преземени активности на Министерството за животна средина и просторно планирање се усогласени со политиките што ги води Владата, а подразбираат интегриран и координиран пристап на сите засегнати чинители и сектори, заедно со активностите и идеите на граѓанските организации и граѓаните воопшто. При тоа Макрадули нагласи дека Владата преку интер-ресорската работна група во своите мерки ги има интегрирано сите релевантни предлог-мерки пристигнати по официјален пат или по пат на социјални мрежи.
Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, на форумот потенцираше дека единствен исправен начин да се води борба против нездравата животна средина е заедничкиот интегрален пристап на сите нивоа на власт, заедно со граѓанските организации.
Но, се чини дека нивните изјави на форумите и во јавноста се дијаметрално различни со постапките во пракса. Остана Македонија да чека инвестиции од Европската Унија за решавање на сериозните проблеми за животната средина, а од друга страна оние средства кои се предвидени не се искористени во таа насока.
Со последната изјава на Јани Макрадули за Отворено Студио 1, се потврди лошото работење на Министерството за животна средина и воопшто способноста на власта да се справи со проблемот на загаденост во Македонија.
„Поделивме некои задачи, за жал некои се завршија некои не се завршија. Некои институции потфрлија и тука треба да бидеме искрени да признаеме. Доцни процесот на категоризација на возилата, не сите општини ја исполнија обврската да на Советот донесат план за справување со воздухот“ -изјави последно Макрадули за Отворено Студио 1.