Државниот пазарен инспекторат по основ на Одлуката на Влада за замрзнување на цената на лебот од 450 гр на 33 денари, вчера и денес изврши надзори и контроли во над 400 економски субјекти на ниво на цела територија на Република Северна Македонија. До сега од контролите е утврдено дека генерално се доставува леб кој е опфатен со Одлуката, а се почитува и замрзнатата цена од 33 денари, односно цената утврдена во согласност со грамажата за помалку од 450 грама. Цената на лебот во зависнот од грамажата и во зависност од различни градови каде се продава изнесува од 25 до 33 денари, велат во соопштение од ДПИ.
Државниот инспекторат и понатаму ќе продолжи да врши контроли кои се однесуваат на почитување на замрзнатата цена на лебот донесена со Одлуката на Владата. Исто така, потребно е сите да ги почитуваме Одлуките на Владата, бидејќи примарна цел е сузбивање на профитерството во време на криза, и залагање за солидарност, односно да се има разбирање и да им се излезе во пресрет на граѓаните. Како институција ќе ги ангажираме сите расположливи ресурси за тековно постапување и спроведување на законските регулативи од кои произлегуваат нашите надлежности. Пазарниот инспекторат постојано врши надзори и постапува во согласност со законите, годишниот и стратешкиот план за работа. Дополнително, покрај редовните контроли, постапува и по пријави доставени од граѓаните и им излегува во пресрет за секое прашање поврзано со нашите надлежности и делокруг на работа, истакнуваат од ДПИ
Законите ќе важат исто за сите, без селективност, а секој што нема да ги почитува, ќе биде санкциониран. Надзори се вршат постојано, а пазарниот инспекторат функционира со својот полн капацитет, додаваат од инспекторатот