Дали е на повидок нова коалиција во албанскиот блок? Ова прашање се наметнува по отворената покана на лидерот на БЕСА, Билал Касами, дека е отворен за соработка со фракционерите од ДУИ но доколку се отцепат од партијата. Предводникот на незадоволната група на интегративците, во разговор за Алфа вели дека не гледа ништо лошо во оваа покана, но групата која им пркоси на Артан Груби и Бујар Османи е убедена дека ќе истрае во внатрепартиската битка. Изет Меџити дециден – бројот на гласачи кои ја поддржуваат неговата група покажува дека биле на правиот пат.
Очекувана беше оваа покана од лидер на опозицијата. Но ние сме фокусирани на внатрепартиската битка. Ние сме посветени на нашето гласачко тело, од Струга до Липково. Од тоа што се гледа на митинзите, од огромниот број на гласачи, значи дека сме на прав пат. Убеден сум дека 90% размислуваат како нас. Некои во оваа фаза го кажуваат, другите мислам понатака ќе се охрабрат и сме убедени во успехот на нашите заложби – вели Меџити.
Меџити признава дека имаат притисоци од повеќе страни, бидејќи се случувало нешто што не е карактеристично за ДУИ, но немале никакви дилеми дека ќе ја истераат битката, со исход, позитивен за нив.
Имаме притисоци. Се случува нешто што не е карактеристично за ДУИ. Иако во минатото никој не возвратил на ваков начин, на различно размислување, ниту тогаш кога тие биле арогантни, кога се посегнало по атентати.Секогаш делувањето било во насока да се смират страстите, што не е случај сега. Прво, коалциијата со АА е неприродна, година пред избори да се спаси Артан, дадоа повеќе од 30% од позициите, дадоа се на тацна што го имаше огнената група, ова веќе е реваншизам. Има и други притисоци, кон вработените, и сите кои различно размислуваат од Артан – додава Меџити.
Првиот човек на движењето БЕСА, Касами најави дека се подготвени за проширена опозициска коалиција со фракционерите од ДУИ, со Алтернатива но и други политички групи, интелектуалци и одредени форми на опозициски фактори од граѓанскиот сектор. Заинтересирани биле да подадат рака за соработка на секоја политичка сила која ја имала наклонетоста меѓу албанските гласачи.
Раколот во ДУИ се актуелизираше во септември мината година откако преку отворено писмо, членови на ДУИ побараа итни реформи во партијата, поради големото незадоволство од работењето на дел од министрите во Владата но и фактот што донесувањето одлуки во партијата станало ексклузивна привилегија на Артан Груби, што не одело само на штета на партијата, туку и на штета на државата.