Над 3.000 битолски Евреи по депортацијата во Полска само 40 минути поживеале во концентрациониот логор Треблинка, а потоа биле убиени во гасни комори, рече Зоран Ѓоргиев.

Тој, како што објави СДК, е автор на книгата „Траги на еврејското наследство во Битола“, промовирана денес во некогашното еврејско верско училиште Талмуд Тора во Битола по повод 80-годишнината од депортацијата.

– Во книгата симболично се претставени 11 приказни за битолски еврејски фамилии и три фактографски податоци за синагогата Арагон, верското училиште и пергаменти во спомен на 11 март 1943 кога сите еврејски фамилии беа одведени одовде и транспортирани во Скопскиот монопол. За жал, оттаму во Треблинка. Само 40 минути живееја во Треблинка. Откако беа однесени со вагоните, буквално беа симнувани од вагоните и носени во гасните комори каде првобитно им беше кажано дека ќе се врши само туширање, а се пушташе гасот. Така заврши нивната судбина само по 40 минути живот во Треблинка, рече Ѓоргиев.

Тој е хроничар на градот, по професија е правник, а посетува магистерски студии на студиската програма Холокауст при Универзитетот во Хаифа, Израел. За да ја напише книгата користеше материјали од Државниот архив- Одделение Битола, Битолскиот катастар, а беше и во контакт со потомците на некои битолски семејства.