Будистичкиот духовен водич Далај Лама се извини откако се појави видео на кое се гледа како бакнува дете во уста, а потоа бара од него да му го „цица јазикот“ на еден настан во северна Индија.

Во соопштението од понеделникот, од канцеларијата на Далај Лама велат дека тој „сака да му се извини на момчето и неговото семејство, како и неговите бројни пријатели ширум светот, за повредата која неговите зборови би можеле да ја нанесат“, додавајќи дека „жали поради инцидентот“.

„Неговата Светост често ги задева луѓето кои ги среќава на невин и разигран начин, дури и јавно пред камери“, се наведува во соопштението.

Ваквото извинување доаѓа откако видеото кое е снимено во текот на настан во градот Дарамшала во февруари, стана вирално на социјалните мрежи, а многу корисници ги критикувале постапките на Далај Лама.

На снимката може да се види како детето му приоѓа на добитникот на Нобелова награда за мир, пред да го праша: „Може ли да те прегрнам?“.

87-годишниот духовен водич потоа го поканува детето на сцената и му покажува да го бакне на образот, а потоа покажува и на своите усни.

Тој потоа го повлекува момчето за брадата и го бакнува во уста.

„И цицај ми го јазикот“, вели Далај Лама по неколку секунди, исплазувајќи го јазикот.