Дозволете во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ да Ви го честитам најголемиот христијански празник – Воскресението Христово Велигден. Ви посакувам безброј мигови на среќа, на спокој и на љубов за вас и вашите семејства. Благодат за секој еден од нас која произлегува од радоста на Христовото Воскресение кое пак, еве веќе два милениума претставува најмаркантниот настан во историјата на човештвото, но и сведок за неизбежноста на победата на доброто врз злото, стои во честитката по повод празникот Воскресение Христово – Велигден од Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
-Драги пријатели,
Живееме во време полно со предизвици, поделби, гнев, со омраза едни кон други, но и во време на големи неправди.
А тоа највеќе нé боли!
Кога гледаме дека од нашите раце сакаат да ја оттргнат надежта, соништата – нашите најмлади членови на ова општество кои притиснати од очајот на властa се приморани да ја бараат својата среќа во други држави, надвор од нивните родни огништа!
Имаме задача – моја, ваша, заедничка – да му ставиме крај на ова сивило и да ги промениме работите!
Да ставиме крај на неправдите и на заедничките болки што предизвикуваат заеднички страдања!
Заедно да се избориме за нови стандарди!
Друга опција немаме, и ова е Македонија за која се бориме.
Ова е Македонија во која веруваме!
Ова е Македонија за која вреди секоја наша болка, секоја промена, секоја возобновена надеж, секоја заедничка иднина.
Да ги кренеме главите, и да покажеме што можеме. Со срце, со ум. Заеднички.
За неповторливата шанса на нашата генерација.
Драги браќа и сестри,
Историјата нé учи дека предизвиците и ударите врз нас никогаш не престанале.
И денес се нападнати нашите темели кои се основата на сите наши силни колективни верувања, но и она што сме!
Овој пат разликата ќе ја правиме по мудроста што ќе ја покажеме и по обединетоста која мораме да ја имаме.
Во овие празнични денови испраќам и порака кон една од нашите најголеми идентитетски тврдини – Македонската Православна Црква – Охридската Архиепископија: единството и трепетот над македонскиот оган, како и секогаш низ вековите – да продолжат да бидат главната одлика.
Мудроста и разумот да продолжат да бидат главните двигатели на сите одлуки во овие историски времиња.
Целосно знаејќи за она што сме и за она што мора да продолжиме да бидеме.
И верувам дека нашата света црква како и до сега, ќе продолжи да биде големиот чувар на идентитетот на македонскиот народ.
Почитувани пријатели,
Добрината и љубовта нека биде водилка во вашите срца, а светлината и топлината нека бидат присутни во сите наши домови!
Нека е за многу години Велигден!
Христос воскресна!
Навистина воскресна!, додава Мицкоски.