Почина една од двете жени во болницата во Сисак, Хрватска, кои лежеа во ист кревет.

Фотографијата од пациентките беше објавена на социјалните мрежи и предизвика бројни реакции о згрозеност во Хрватска и регионот.

Директорот на болницата се обиде да се оправда со изјавата дека времето било кусо и дека се спасени животи, но извор од болницата денеска за Дневник.хр изјави дека една од жените починала истиот ден кога е направена фотографијата, односно на 14 април.

„Главниот техничар знаеше сè. Таа болница е плодна почва за нечовечкото“, вели здравствениот работник од болницата за хрватските медиуми, кој не сакал да биде откриен неговиот идентитет.

Двете жени кои биле хоспитализирани во болницата биле од Домот за стари лица и со возило на итната помош биле пренесени во болничката установа.

Ден потоа, во саботата, болницата го известила Домот дека едната од нив починала.

Директорот на Општата болница во Сисак, Томислав Дујменовиќ, во ниту еден момент не ја објави веста за смртта.

„Иако ситуацијата беше грда, тој ден беа лекувани сите тешко болни пациенти и им беа спасени животите. Иако тоа беше непријатност за тие пациенти, тоа беше неизбежна ситуација во тој момент. На овој начин спасивме многу полошо сценарио, така спасивме животи на луѓе“, изјави директорот на ОБ Сисак, Томислав Дујменовиќ за ТВ „Дневник Нова“ на 19 април.

Во рок од 24 часа тој го рече следново: „Апсолутно сите кревети беа зафатени и сите беа сериозни случаи. Можевме да ја ставиме другата жена или на тој кревет до друг пациент, или пак на подот или на стол. Мислам дека помалку несреќно решение беше да ја ставиме до друга пациентка, наместо да ја оставите да падне од столот или да лежи на подот. Ништо не се случи со жената, ја лекувавме. Но, добро, една од медицинските сестри ја фотографираше таа глетка и испрати“.

„Индекс“ во неколку наврати се обидел телефонски да стапи во контакт со директорот Дујменовиќ, но тој не одговорил на нивните повици. На крајот само испратил кус мејл во кој не ја коментирал ситуацијата.

„Во тек е стручен надзор. Не можам да дадам информации во врска со податоците за пациентите и нивните дијагнози, не ни е дозволено да ги презентираме во јавноста поради Законот за заштита на личните податоци“, одговорил Дујменовиќ.

И од тамошното Министерство за здравство велат дека увидот во болницата се уште трае.