Политичарите и бројни државни функционери наскоро ќе ги примат зголемените плати, по одлуката на Уставниот суд, кои според некои пресметки ќе бидат повисоки и за 1.000 евра.
Премиерот Димитар Ковачевски на прашање на новинарите вчера рече дека решение на проблемот ќе биде донесување на Законот за плати во јавниот сектор кој е во подготовка, а синдикатите, како што објави Плусинфо велат дека подготовката на овој закон е во ќорсокак и тој е ставен ад акта.
– Врз основа на сите инпути од институциите законот ќе биде ставен на јавна расправа, и на ЕНЕР, а мислам дека веќе е подготвена и првична верзија и потоа ќе влезе во собраниска процедура каде што ќе треба да се изјаснат сите политички партии. Во однос на другите плати веќе се разговара на Економско-социјалниот совет за општиот колективен договор со којшто исто така ќе се стави ред и конзистентност во исплатата на платите на работниците бидејќи сега имаме различни колективни договори со кои на работници со исто ниво на одговорности во различни области им овозможуваат различно ниво на плати. Или кај функционерите имате пратеник со плата од 60.000 денари, а има и секретари или секретарки во одредено регулаторно тело со 90.000 денари плата. Сметам дека е тоа неконзистентно, рече Ковачевски.
Тој не кажа кога ќе биде донесен тој закон и што ќе се случува со платите на функционерите до тогаш.