Легендарниот ТВ-водител Џери Спрингер, кој се прослави со своето бурно и сочно ток-шоу, почина на 79 години. Тој го водеше контроверзното „Шоу на Џери Спрингер“ речиси три децении, почнувајќи од 1991 година.
Неговиот публицист потврди дека Спрингер починал мирно во својот дом во Чикаго.
„Способноста на Џери да се поврзе со луѓето беше во срцето на неговиот успех во сите сфери. Тој е незаменлив“, соопшти неговото семејство.
Спрингер е роден во Лондон во 1944, а неговите родители биле германски Евреи кои избегале во Англија за време на Холокаустот. Тие дошле во САД кога Џери имал пет години.
Пред да почне со телевизиската кариера, Спрингер беше градоначалник на Синсинати и советник во политичката кампања на Роберт Кенеди.
На врвот на популарноста, „Шоуто на Џери Спрингер“ уживаше огромен рејтинг во САД. И додека тој го нарекуваше „ескапистичка забава“, други го обвинуваа дека придонело за падот на американските општествени вредности.
Шоуто имаше над 4.000 епизоди, пред да биде укинато по 27 години емитување во 2018.