Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш денеска одлучи дека поради „невидената“ ситуација во Судан „веднаш“ ќе го испрати таму својот хуманитарен пратеник Мартин Грифитс.
„Размерите и брзината со кои се менуваат настаните во Судан досега не се видени“, рече Стефан Дујарик во изјавата, додавајќи дека е „екстремно загрижен“.
Затоа Гутереш одлучи да го испрати таму „веднаш“ шефот на хуманитарната агенција на ОН (OCHA) Мартин Грифитс поради ненадејното влошување на хуманитарната криза во Судан, каде милиони Суданци се во тешка ситуација од 15 април поради безмилосната војна на двајца генерали.
„Многу сме загрижени за непосредните и долгорочни последици (од оваа криза) врз сите Суданци и врз целиот регион“, додаде портпаролот.
„Уште еднаш, ги повикуваме сите конфликтни страни да ги заштитат цивилите и инфраструктурата, да овозможат безбеден премин за сите оние кои бегаат од борбената зона, да ги почитуваат хуманитарните работници и нивните средства, да ги олеснат операциите за помош и да го почитуваат медицинскиот персонал, нивните капацитети и превозни средства“, изјави портпаролот.
Жестоките судири продолжуваат во Картум, бидејќи армијата и паравоените сили вчера најавија продолжување на прекинот на огнот кој слабо се почитува, но овозможи евакуација на странски државјани и продолжување на преговорите.
Податоците на ОН покажуваат дека во земјата има 75.000 раселени лица, а дури 270.000 луѓе би можеле да ги напуштат своите домови поради борбите што беснеат во 12 од 18 држави во земјата со 45 милиони жители, една од најсиромашните во светот.
Во војната, според официјалните бројки кои се многу потценети, загинале 528 луѓе, а 4.599 биле ранети. Двете страни меѓусебно се обвинуваат за прекршување на примирјето.