Еврокомесарот за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер ќе го искористи денешниот вонреден состанок на Комитетот за граѓански слободи, правда и внатрешни работи (ЛИБЕ) на Европскиот парламент за да ги повика европратениците да ја „оживеат“ директивата за построго казнување на шверцерските мрежи.
Брунер истакна дека кризата во Сеута ја покажала потребата од построги закони против шверцувањето луѓе.
– Алатките се на маса. Сега Парламентот и Советот мора да делуваат без одложување – рече денеска Брунер за бриселски „Политико“.
– Европа мора да покаже дека оние кои ги експлоатираат ранливите луѓе за профит ќе бидат истражени, кривично гонети и изведени пред лицето на правдата – истакна еврокомесарот.
Европската комисија во 2023 година предложи директива со цел да се заострат казните за шверцерските мрежи, а членките на ЕУ веќе се договорија за преговарачката позиција. Остана уште Парламентот да го стори истото.
Меѓутоа, политичките групи во Парламентот се поделени околу тоа дали предложениот закон доволно ги штити давателите на хуманитарна помош од криминализација, што значи дека предлогот не можеше да напредува до меѓуинституционални преговори.
Цивилното општество исто така предупреди дека со предложениот закон се ризикува криминализација на самите мигранти.
– Губењето животи во Сеута е потсетник дека шверцерите на мигранти профитираат од човечката беда и ги доведуваат животите во опасност – рече за „Политико“ австрискиот еврокомесар, додавајќи дека предложениот закон е „робустен“.
Брунер вчера изјави дека она што се случи во Сеута било тест за отпорноста и безбедноста на надворешните граници на ЕУ и дека сега Унијата мора да ги донесе вистинските заклучоци и да го засили одговорот.
Во шпанската северноафриканска ексклава Сеута минатата недела пристигнаа десетици илјади луѓе од Мароко. Големо мнозинство се врати во Мароко, но таа мигрантска криза сериозно ги вознемири владите на ЕУ.
За денешниот состанок на ЛИБЕ, Брунер рече дека ќе биде добра можност да се разменат мислења за актуелната ситуација и за научените лекции во Сеута.
Во дебатата би требало да учествуваат и шпанските министри за внатрешни работи и за инклузија и миграции, како и претседателот на автономниот град Сеута, Хуан Хесус Вивас Лара.




