Светската здравствена организација (СЗО) прогласи крај на пандемијата на корона вирусот, откако денеска соопшти дека заразата веќе не е глобална здравствена вонредна ситуација.
Пред три години, на 30 јануари 2020 година, Комитетот за итни случаи на СЗО прогласи глобална вонредна состојба поради корона вирусот, потсетуваат британските медиуми.
Ваквиот статус помогна меѓународното внимание да се фокусира на здравствената закана, како и да се зајакне соработката за вакцини и третмани.
Укинувањето на вонредната состојба е знак за напредокот што светот го постигна во оваа област, но корона вирусот сè уште е присутен, соопшти СЗО, иако тоа повеќе не претставува вонредна состојба.
Во меѓувреме, над 6,9 милиони лица починаа од последиците на корона вирусот.