Забраната на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, да влезе во Македонија на 6 мај на Ѓурѓовден сигурно ќе се одрази на преговорите за членство на нашата земја со Европската унија, смета претставникот на ГЕРБ во Брисел.
Ковачев вели дека „С. Македонија ја преминала црвената линија – член на европскиот парламент да не биде пуштен во земја кандидат за член на Унијата“.
– Тоа придонесе за многу реакции во Брисел, рече Ковачев за БТВ.
Пратеникот смета дека прво треба да се чуе образложението на официјално Скопје пред да се зборува за ново вето од страна на Бугарија, но и од ЕУ.
– Иронично, неколку дена пред да заминам кон С. Македонија имав разговор со Бујар Османи, сосема пријателски разговор. Сакав да присуствувам на настан од нашата општа историја крај Ново Село, на бугарските воени гробишта, рече Ковачев.
На границата немало никакво објаснување и затоа тој смета дека треба задолжително да му се извинат.
Тој во интервјуто посочи дека во Скопје немало напредок за уставните измени и дека со однесувањето во последно време Македонија како да не сака евроинтреграција, туку сака да остане, како што вели тој, во оската Скопје-Белград-Москва.
Како што рече, за него потегот бил огромно разочарување.
– Скопје должи јасно објаснување зошто го направија тоа. Првин треба да ги слушнам нивните објаснувања, тие треба да бидат официјални. Во Европскиот парламент се сменија односите, секој пратеник мисли дека треба слободно да патува, вели Ковачев, пренесуваат бугарските медиуми.
Тој додаде дека имал разговор со министерот Османи пред само неколку дена и немало навестување за ваква одлука.
– Немаше ни трошка сомнеж или исчекување за она што ќе дојде, вели бугарскиот европратеник.
Ковачев смета дека забраната сигурно ќе се одрази на преговорите за членство на Македонија со ЕУ.
МВР викендов потврди дека на 6 мај, околу 11 часот, на граничниот премин Ново Село, поради неисполнување на условите за влез во Република Македонија, во согласност со Законот за странците, не им е дозволен влез на петмина државјани на Република Бугарија.