Бебе зачнато со ДНК на три лица се роди и во Велика Британија, откако лекарите спроведоа револуционерна „ин-витро“ процедура со цел да се спречи наследување неизлечиви болести. Ова е прв ваков успешен случај на Островот.
Во зафатот познат како митохондријална терапија за донирање (МДТ) или митохондријална заменска терапија (МРТ), дел од јајце-клетките на здрава дарителка се користи за да се создаде ембрион без опасни мутации што мајката би можела да им ги пренесе на своите деца. Бидејќи спермата и јајце-клетките на биолошките родители се комбинирани во ембрионот со биолошки материјал од третото лице, бебето ќе има ДНК на мајката и таткото, плус мала количина генетски материјал (околу 37 гени) од третата личност, пишува „Гардијан“.
Истражувањето и потфатот се спроведени во Обединетото Кралство, во Центарот за плодност во Њукасл. Научниците и лекарите имаат за цел да им помогнат на жените со мутирани митохондрии да имаат деца кои нема да ги наследат тие генетски мутации.
Имајќи предвид дека сите митохондрии се наследуваат од мајката, штетните мутации може да влијаат на здравјето на децата. Некои бебиња можат да се родат здрави бидејќи наследиле само мал дел од мутираните митохондрии, но други може да добијат многу повеќе од овие мутации и да развијат тешки, брзоразвивачки и често опасни болести.
Техниката се состои од неколку чекори. Пред сѐ, јајце-клетки од мајката и од дарителката се оплодуваат со спермата на таткото, одделно. Основниот генетски материјал потоа се отстранува од јајце-клетката на дарителката и го заменува оној од оплодената јајце-клетка на двојката.
Добиената јајце-клетка има целосна низа хромозоми од двајцата родители, но и здрави митохондрии од дарителката. Тоа потоа се внесува во матката.