Русија се подготвува формално да се повлече од Договорот за конвенционалните вооружени сили (Договорот CFE), според наредбата на претседателот Владимир Путин, објавена денеска од Кремљ.

За расправата во парламентот задолжен е заменик министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков. Самиот нацрт-закон за повлекување сè уште не стигнал во Думата, долниот дом на рускиот парламент.

Договорот ги поставува горните граници за стационирање на тешко оружје на европскиот континент. Тие вклучуваат борбени тенкови и борбени возила на пешадија, тешка артилерија, борбени авиони и хеликоптери.

Москва беше еден од потписниците на договорот во 1990 година, но го суспендираше најголемиот дел од неговата имплементација во 2007 година. Од 2015 година, една година по анексијата на украинскиот полуостров Крим, Русија исто така повеќе не учествува на состаноците на советничката група.

Од почетокот на војната, Путин нареди масовно зголемување на производството на оружје и воена опрема. По почетокот на руската сеопфатна инвазија на Украина во февруари 2022 година, Путин ги повика одбранбените компании во неговата земја масовно да го зголемат производството. Оттогаш, многу компании во секторот работеа во повеќе смени за да ги задоволат потребите на руската војска за муниција и оружје – вклучително тешко оружје.

На почетокот на годината, Русија го суспендираше и Новиот СТАРТ договор за контрола на нуклеарното оружје, кој сè уште беше на сила како последен голем договор за разоружување меѓу Русија и САД.

Во февруари оваа година, за време на обраќањето во рускиот парламент, Путин рече дека го суспендира учеството на Русија во Новиот договор СТАРТ за ограничување и контрола на нуклеарното оружје, што беше договорено со САД. Ова го загрози последниот преостанат пакт кој ги регулира двата најголеми нуклеарни арсенали во светот.

Договорот беше потпишан од поранешните претседатели Обама и Медведев во април 2010 година. Тој стапи на сила во февруари 2011 година и требаше да трае до февруари 2026 година. Со него САД и Русија се обврзаа да немаат повеќе од 700 интерконтинентални балистички ракети на копно и подморници и дека тие и стратешките бомбардери нема да имаат повеќе од 1550 нуклеарни боеви глави.