Официјален Вашингтон и Пекинг, кои не одржуваат комуникација од февруари по кинеската афера со балон, ги обновија дипломатските односи на највисоко ниво, објави Белата куќа.
Советникот за национална безбедност на Џо Бајден, Џејк Саливан, деновиве во Виена се сретна со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, според американската администрација, додека врските меѓу двете суперсили остануваат крајно затегнати поради широкото дипломатско, воено, економско и технолошко ривалство.
Двајцата високи функционери имале отворен, суштински и конструктивен разговор, истакнуваат од Белата куќа, а официјалната агенција Ксинхуа зборува за средбата која треба да ги отстрани пречките во кинеско-американските односи.
Теми на разговор биле војната против Украина и прашањата поврзани со Тајванскиот теснец, кои се две од најчувствителните прашања во билатералните односи. Вашингтон постојано ја предупредува Кина воено да не ѝ помага на Русија. Соединетите Американски Држави се загрижени и за прашањето на Тајван, територија за која претендира Кина.
„Ванг Ји јасно ја кажа официјалната позиција на Кина за прашањето на Тајван“, објави Ксинхуа. Овој состанок на највисоко ниво доаѓа по неколку недели речиси целосен прекин на комуникацијата меѓу двата главни града. Во февруари, тензијата меѓу Кина и САД дополнително се зголеми кога кинески балони беа забележани над американска територија, што Вашингтон го оцени како шпионска операција.
Тогаш американскиот државен секретар Антони Блинкен во последен момент го откажа патувањето во Кина. Средбата во Виена ги подгрева шпекулациите за претстојната средба меѓу Џо Бајден и кинескиот претседател Си Џинпинг. Одговарајќи на прашање во врска со тоа, американскиот претседател рече: „Постигнат е напредок. Ќе биде добро“.