Тројца руски академици кои работеле на развојот на хиперсонична ракетна технологија се соочуваат со „многу сериозни обвиненија“, соопшти денеска Кремљ.
Покрената е истрага за предавство, што ги разбранува духовите во руската научна заедница и ги исплаши академиците.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека е запознаен со отвореното писмо на сибирските научници во кое тие ги бранат своите колеги, но дека случајот сега е предаден на безбедносните служби.
Во писмото објавено пред два дена колегите на академиците Анатолиј Маслов, Александар Шипљук и Валерија Звегинцева го изразуваат својот протест против нивното апсење и истакнуваат дека научниците се невини. Додаваат и дека обвинувањата ќе и нанесат сериозна штета на руската наука.
Сите тројца ги знаеме како патриоти и чесни луѓе кои не се способни да го направат тоа за што се сомничат, се наведува во писмото.
Претседателот Владимир Путин сака да се пофали дека Русија е глобален лидер во развојот на хиперсонични ракети што можат да патуваат со брзина до 10 мах (12.250 км/ч) за да ја избегнат непријателската противвоздушна одбрана.
Украина вчера соопшти дека за само една ноќ успеала да уништи шест од овие ракети, иако Русија ја демантира информацијата.
Уапсените научници со години учествуваат на научни конференции на оваа тема и имаат објавено голем број стручни написи и книги на тоа.
Во отвореното писмо од нивните колеги од ИТАМ, Институтот за теоретска и применета механика од Новосибирск, се наведува дека податоците презентирани од научниците на меѓународни форуми биле постојано проверувани за да се осигура дека не вклучуваат доверливи ограничени информации.
Но, се покажа дека „секој напис или научен извештај може да резултира со обвинение за велепредавство“, се додава во отвореното писмо.
„Во оваа ситуација не само што се плашиме за судбината на нашите колеги, туку во исто време и самите не знаеме како ќе продолжиме непречено да ја работиме нашата работа.
Во писмото, научниците го презентираат и случајот со Дмитриј Колкер, друг сибирски научник кој минатата година беше уапсен под сомнение за велепредавство.
Веднаш бил пренесен во Москва и покрај тоа што се знаело дека боледува од напреднат стадиум на рак на панкреасот. Колкер, специјалист за ласер, почина два дена подоцна.
Во писмото се наведува дека сите вакви случаи имаат застрашувачки ефект врз младите руски научници.
„Веќе сега најдобрите студенти ги одбиваат понудите да се приклучат на научната заедница и да дојдат да работат со нас, а нашите најдобри млади вработени ја напуштаат науката“.
На новинарско прашање за писмото на научниците, портпаролот на Кремљ, одговори дека „го добивме писмото и апелот, но сега руските безбедносни служби работат на тоа. Тие си ја вршат својата работа. Тоа се многу сериозни обвинувања“.