Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави денеска дека одлуките што ги донесе групата Г7 во Јапонија имаат за цел „двојно закочување“ на Русија и Кина, а Кина ги обвини западните земји за мешање во нејзините внатрешни работи.
На прес-конференцијата Лавров го повтори руското тврдење дека Западот ја користи војната во Украина за да ѝ нанесе стратешки пораз на Русија.
„Задачата беше поставена гласно и отворено – да се победи Русија на бојното поле, но не само тоа, да се елиминира како геополитички ривал“, изјави шефот на руската дипломатија.
„Погледнете ги одлуките што се дискутираат и усвоени денеска на состанокот на Г7 во Хирошима, чија цел е двојно закочување на Русија и Кина“, додаде тој.
Г7 претходно објави дека членките се согласиле да ги зајакнат санкциите против Москва и да ја намалат изложеноста кон Кина. Тие го повикаа Пекинг да ја принуди Русија да ја запре својата воена агресија и да ги повлече своите сили од украинска територија.
И кинеското Министерство за надворешни работи се спротивстави на најавата на Г7 и се пожали на Јапонија како организатор на состанокот. Министерството соопшти дека Г7 ја игнорира загриженоста на Кина и ја напаѓа и се меша во нејзините внатрешни работи, вклучително и за Тајван.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, исто така, пристигна во Хирошима и се сретна со индискиот премиер Нарендра Моди, францускиот претседател Емануел Макрон, италијанската премиерка Џорџија Мелони и британскиот премиер Риши Сунак.
„Франција е рамо до рамо со вас од самиот почеток. Ќе бидеме таму до самиот крај“, му рече Макрон на Зеленски.
Моди на средбата ја изрази својата поддршка за дијалогот и дипломатијата, соопшти неговиот кабинет на Твитер. Зеленски на Телеграм напиша дека го запознал индискиот лидер со хуманитарните потреби на неговата земја и формулата за мир предложена од Киев и ја покани Индија да учествува во нејзиното спроведување.
Пристигнувањето на украинскиот лидер во Јапонија доаѓа еден ден откако американскиот претседател Џо Бајден вчера им кажа на претставниците на Г7 дека Вашингтон ја поддржува заедничката обука на украинските пилоти за управување со борбени авиони Ф-16.