Проф. д-р Биљана Ангелова од Економскиот институт е нова ректорка на Универзитетот Кирил и Методиј (УКИМ), потврди таа за повеќе медиуми.
Неофицијално, како што објави Слободен печат, таа на денешните избори за ректор на најстариот и најголем универзитет во Македонија, убедливо ги победила останатите петмина кандидати.
Според истите неофицијални информации, професорката од Економскиот институт добила 1.961 глас, а втор по бројот на гласови бил проф. д-р Димитар Ташковски од ФЕИТ, со 904.
Официјално, универзитетот сѐ уште не ги објавил резултатите од денешното гласање.
И официјално: Ангелова е нов ректор на УКИМ
Професорката на Економскиот институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, и проректор за финансии, инвестиции и развој, проф. д-р Биљана Ангелова денеска е избрана за нов ректор на УКИМ, соопшти Универзитетската изборна комисија.
– Според доставените резултати од страна на изборните комисии од спроведеното непосредно и тајно гласање на единиците во составот на при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, за ректор на УКИМ во мандатниот период 16 септември 2023 – 15 септември 2026 година е избрана проф. д-р Биљана Ангелова од Економскиот институт, се наведува во Одлуката на Универзитетската изборна комисија (УИК).
Според Комисијата, Ангелова добила 1 958,681 поени, а второпласираниот кандидат Димитар Ташковски од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) – 888,043. Натаму следуваат Горан Ајдински од Филозофскиот факултет со 866,078 поени, Христина Спасевска од ФЕИТ со 784,308, Атанас Кочов од Машинскиот факултет со 643,519 и Ратко Дуев од Филозофскиот факултет со 459,372 поени.
Претседателка на УИК, проф. Родна Живковска претходно за МИА изјави дека гласањето за избор на ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на сите 28-те единици – 23 факултети и пет институти, што денеска траеше од 12 до 14 часот, поминало во најдобар ред.
– Се поминува во најдобар ред. Единиците пресметуваат и ги вадат поените, ние само ги собираме и ги ставаме поените од сите 28 единици. Чекаме уште физички да ги донесат, инаку се пратени онлајн во табели. Секоја единица си ги пресметува и ни ги праќа по електронски пат и компјутерот ги собира. Веќе имаме електронски, уште физички да ги донесат, рече Живковска.
По објавувањето на резултатите од тајното гласање, ќе следува период за поднесување приговори во рок од три работни дена (31 мај – 5 јуни до 16 часот). Откако ќе бидат разгледани евентуални приговори, УИК на 6 јуни ќе ги објави конечните резултати. Доколку на некои единици во состав на УКИМ е потребно прегласување, повторното гласање ќе се организира на 9 јуни од 12 до 14 часот, а резултатите ќе бидат објавени до крајот на истиот ден. По законскиот рок од три дена за приговори, конечните резултати за избор на ректор ќе бидат објавени на 15 јуни.
Кандидатот што ќе биде избран, од септември ќе го наследи актуелниот ректор, проф. д-р Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет, кој функцијата ректор на Скопскиот универзитет ја извршуваше два мандата.
Ангелова е вработена на Економскиот институт од 1992 година, каде во континуитет ги добива сите научни и наставно-научни звања. Во 2007 година првпат е избрана во највисокото научно звање научен советник/редовен професор во областа на деловни финансии, а во 2012 година повторно е избрана во редовен професор во областа на финансиски менаџмент.
Во периодот 2006-2008 година била раководител на вториот циклус студии по Меѓународен менаџмент, а од 2008 година до денес раководи со насоката Финансиски менаџмент. Таа беше и прв раководител на студиите од трет циклус по организациски науки – менаџмент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во периодот 2012-2016 година. Од ноември 2009 до септември 2016 година била директор на Економскиот институт. Во јуни 2016 година е избрана за проректор за финансии, инвестиции и развој на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на која функција е и вторпат избрана и во 2020 година за мандатниот период 2020-2023 година. Од 2016 до 2023 година е претседател на Комисијата за финансии и на Комисијата за издавачка дејност на УКИМ.