Стратешката грешка што Европската Унија ја направи пред неколку години, кога на Македонија и на Албанија им беше наметнато вето на европскиот пат, не може да се реши за пет минути зашто стратешките грешки имаат свој ефект во период од пет до 10 години најмалку.

А, грешката што ја направи, ЕУ ја согледа откако почна војната во Украина.

Ова во своето обраќање од панелот „Отворени патишта: Балканот се враќа во игра“ во рамки на Глобалниот безбедносен форум „Глобсек 2023“ во Братислава, го изјави премиерот Димитар Ковачевски.

„Не постои држава којашто требаше да донесе потешки и помачни одлуки од нас. … Македонија го промени името за да стане членка на НАТО и членка на ЕУ. И кога се заврши со референдумот, кога Собранието изгласа – НАТО испорача, а ЕУ не. Тоа се факти. Нашата независност како земја ја почнавме пред 32 години како дел од поранешна поголема земја. Создававме институции од ништо. Почнавме од нула. Голем дел од овие институции се изградени заедно со земјите од ЕУ и со поддршката на САД, а тие навистина имаат високи институционални способности“, изјави Ковачевски.