Нема договор во германската влада околу запирањето на мигрантите на надворешните граници на ЕУ

/ 06.06.2023

Алијансата на организации за заштита на човековите права денеска апелираше до германската влада да се откаже од намерата за воведување практика на верификација на правото на азил во центрите на надворешните граници на Европската унија.

Во самата влада има конфликт за ова прашање.

„Германија мора доследно да се бори против воведувањето на процедурата за испитување на правото на азил на надворешните граници на Европската унија и слабеењето на гаранциите за правото на азил на младите и децата“, се вели во апелот до германската влада испратена од сојуз од 46 организации за заштита на човековите права и правата на децата.

Во жалбата се наведува дека децата и малолетниците се изложени на ризик да бидат задржани на границите и сместени во центри каде би се одлучувало за нивното право на азил.

„Ова е спротивно на Повелбата на Обединетите нации, која гарантира заштита од тортура и насилно лишување од слобода“, се заклучува во апелот.

Во меѓувреме, во самата коалициска влада се разви конфликт во врска со барањето на партијата Зелени, кое го поддржаа и социјалдемократите, децата и семејствата со деца да се исклучат од процесот на контрола на правото на азил на надворешните граници.

Третата партија на владејачката коалиција, Либерално-демократската партија (ФДП), изрази несогласување со воведувањето на ова правило, стравувајќи од исходот од преговорите за заедничка политика кон барателите на азил на ниво на Европската унија.

„Се плашиме дека воведувањето на ова правило ќе ги загрози изгледите за договор на ниво на ЕУ“, изјави генералниот секретар на ФДП, Бијан Ѓир-Сараи.

Во текот на викендот, врвот на партијата Зелени, и покрај фактот што голем дел од партијата се спротивставува на пренесување на процесот за признавање на правото на азил надвор од границите на ЕУ, се согласи на ова решение под услов децата и семејствата со деца да се исклучени.

Социјалдемократската министерка за внатрешни работи, Ненси Фезер, која го поддржува решението за запирање на бегалците на надворешните граници на ЕУ, изрази стравување дека ако договорот за ова прашање не успее на состанокот на министрите за внатрешни работи на ЕУ во четврток, Германија ќе биде принудена да воведе контрола самостојно.

Германскиот канцелар Олаф Шолц (Социјалдемократската партија на Германија СПД) денеска изрази надеж дека на состанокот на министрите за внатрешни работи на ЕУ во четврток може да се најде решение.

„Треба да направиме сѐ за да се договориме за блиска соработка меѓу земјите-членки за надворешните граници со остатокот од ЕУ“, рече Шолц.

Тој рече дека е неприфатлива ситуацијата во која 80 отсто од лицата кои поднесуваат барање за азил во Германија не биле претходно регистрирани никаде во Европската унија.

„Остава впечаток дека Германија има големо медитеранско крајбрежје бидејќи многу луѓе овде се појавуваат како никогаш да не биле во ниту една земја на ЕУ“, рече Шолц.

Германија од почетокот на годинава бележи драстично зголемување на бројот на баратели на азил.

Како што соопшти граничната полиција, само во неделата на полско-германската граница биле фатени повеќе од 100 лица во обид илегално да ја преминат границата. Тоа се првенствено мажи од Авганистан, Бангладеш, Ирак и Сирија.


Од истата категорија