Бугарскиот парламент денеска изгласа нова влада на чело со Николај Денков.
За владата на премиерот Денков во 240-члениот парламент гласаа 132 пратеници.
На овој начин заврши двегодишната политичка блокада, а новата влада треба да спроведе реформи кои оваа балканска земја би ја однеле во евро и шенген зоната, објави Ројтерс.
„Денес можеме да им дадеме надеж на милиони Бугари кои сакаат нашата земја да има нормална влада“, рече Денков и додаде дека неговиот кабинет ќе има „храброст и експертиза да донесе важни одлуки и да сноси одговорност за нив“.
Денков посочува дека прва задача на неговиот кабинет ќе биде да обезбеди парламентарна поддршка за буџетот за 2023 година.
Неговата политичка коалиција, предводена од партијата „Промената продолжува“, која на изборите во април го освои второто место, ќе ја предводи владата во наредните девет месеци.
Потоа премиерската функција ја презема поранешната еврокомесарка Марија Габриел, членка на партијата ГЕРБ, според коалицискиот договор што го потпишаа ГЕРБ и „ПП“.
На изборите на 2 април во 240-члениот парламент, ГЕРБ беше прва со 69 мандати, а блокот „ПП“ освои 64 пратенички места.
Агенцијата посочува дека политичката неизвесност ја натера Бугарија да го одложи планираниот датум за усвојување на еврото, а допрва треба да го одобри предлог-законот за буџетот за тековната година.