Минатата година во земјава се родени вкупно 18 183 деца, од кои живородени 18 073, а мртвородени 110.
-Бројот на живородените деца во споредба со 2021 година е намален за 3,1 отсто. Во структурата според пол, кај живородените деца машките имаат поголемо учество, и тоа од 51,2 отсто, односно на 100 живородени женски деца 104,8 се машки, соопшти Државниот завод за статистика.
Според месецот на раѓање, најголем број раѓања, 1 717, имало во јули. Според возраста на мајката, најголемо учество од 33,2 отсто имаат живородените деца од мајки на возраст од 25 до 29 години. Просечната возраст на мајката при вкупниот број раѓања изнесува 29,4 години, а кај прворотките 27,7 години. Генерациска година на раѓање на мајката која се појавува како најфреквентна при раѓањето на детето е 1993 година.
Во 2022 година се регистрирани 17 живородени деца од мајки на возраст помала од 15 години.
Вонбрачни живородени деца се 2 298 или 12,7 отсто од вкупниот број живородени деца.