НОВАК ЃОКОВИЌ ја испиша историјата на тенисот со победата над Каспер Руд (7:6, 6:3, 7:5) во своето 34-то финале на Грен слем турнирите. Српскиот тенисер стигна до рекордната 23-та титула и сега има една повеќе од најголемиот ривал Рафаел Надал и три повеќе од пензионираниот Роџер Федерер.
Кај тенисерките, Серена Вилијамс има 23 грен слем титули, а рекордерка е Маргарет Корт со 24 титули. Ѓоковиќ до крајот на годината би можел да го престигне и овој рекорд со победи на Вимблдон и УС Опен.
Ѓоковиќ, исто така, стана првиот тенисер во историјата кој го освоил секој од четирите Грен слем турнири најмалку три пати. Апсолутно е доминантен на Австралија опен од каде има 10 титули, моќен на Вимблдон кој го освои седум пати, а трипати славеше на УС Опен и сега на Ролан Гарос.
Српскиот тенисер е и првиот играч во историјата со најмалку седум финалиња на секој од Грен слемовите. Ниту еден друг тенисер не успеал да го направи тоа шест пати.
Освојувањето на Ролан Гарос го враќа и на првото место во ВТА, каде би ја започнал рекордната 388-ма недела. Тоа второ место го држи Федерер со 310 недели како најдобар во светот.