Европската унија ќе продолжи да ја поддржува Украина до нејзината победа над Русија и сесрдно да учествува во обновата и закрепнувањето на земјата, чие место е во европскиот блок, изјави потпретседателот на Европската комисија, Валдис Домбровскис, пред Европскиот парламент.
На пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур, еврокомесарот разговараше за Украина, за хуманитарните и еколошките последици од уништувањето на браната Нова Каховка и за одржливата реконструкција и интеграција на Украина во евроатлантската заедница.
„Јасно е дека мораме да ја поддржиме Украина кон победата колку што можеме. Тоа е единствениот начин да се стави крај на суровата руска војна и да се осигураме дека Европа е безбедна од агресорите“, рече Домбровскис.
Тој посочи дека ЕУ ја поддржува украинската мировна формула за сеопфатен, праведен и траен мир кој ги почитува независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници.
„ЕУ ќе остане со Украина онолку долго колку што е потребно“, рече еврокомесарот, додавајќи дека веќе наесен сака да види преземени чекори во таа насока.
„Украина и припаѓа на Европската унија. Иднината на Европа е со Украина како земја членка“, рече Домбровскис.
Што се однесува до членството во НАТО, тој рече дека Комисијата не може да го коментира тоа бидејќи ЕУ нема влијание по тоа прашање.
„Но, јасно е дека се потребни кредибилни аранжмани за да се гарантира идната безбедност на Украина и да се прекине рускиот циклус на агресија“, рече комесарот.
Комесарот за трговија, роден во Летонија, исто така рече дека Унијата, со сета можна поддршка за Украина за време на војната, сесрдно ќе и помогне на таа земја во нејзината обнова и закрепнување по војната, а истовремено ќе ги спроведе потребните реформи.
„Унијата е посветена на долгорочна поддршка за Украина во нејзината обнова и закрепнување“, рече Домбровскис.