„Охрабрете ја … Македонија да вложи максимални напори за да создаде услови за отворање првите кластери на преговори“ е првата од вкупно 13-те точки од резолуцијата која денеска се очекува да ја усови германскиот Бундестаг.
Документот предложен од пратенички групи на трите владејачки партии – социјалдемократите, Зелените и либералите, ќе се најде пред германските пратеници на седница закажана по 21 часот вечерва.
Во текстот на резолуција се потенцира дека Бундестагот ја признава македонската култура, иденетитет и јазик кои само ќе ја збогатат европската разновидност на јазици и култури. Се повикува Бугарија да го поддржи патот на Македонија кон Унијата во рамките на постигнатиот компромис со Советот и да се воздржи од нови барања, Македонија пак можа да се фокусира на спорведување на реформите во правосудниот систем, борбата со корупцијата, владеење на правото.
Според министерот Османи овој документ е само потврда на македонскиот идентитет кој е веќе признат од страна на Европската унија.
Се надевам ќе биде поддржана од сите политички партии во Бундестагот, што ќе даде сериозна порака за поддршка, што и онака не недостасуваше. Овие резолуции за поддршка се само симболична потврда на тоа што формално го има во преговарачката рамка. И без нив, идентитетот во ЕУ е загарантиран и како стануваме членка, тој само се промовира, повеќе и повеќе, рече Османи.
Го поздравуваме чекорот на Германија којашто и до сега немаше проблем со македонскиот многувековен идентитет и посебност, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Но друга држава членка, Бугарија, ги злоупотребува европските институции и процесот на проширување на Унијата. Затоа прецизно посочивме дека се потребни документи, цврсти гаранции, и од кои точно европски институции треба да се гарантираат и потврдат македонскиот многувековен, нагласуваме многувековен, идентитет, посебност, јазик и историски засебен развој, се вели во ставот кој го добивме од опозицијата.
Според најавите од Владата, чекорот на Германија во следниот период се очекува да го следат повеќе држави.