Концепт на „паметни граници“ ќе биде воведен во блиска иднина во државава и ќе бидат реконструирани клучните гранични пртемини, најави новиот директор на Царинската управа, Стефан Богоев.

– Имајќи ја предвид комплексноста, големината и надлежностите на Царинската управа, при справувањето со шверцот и корупцијата се пристапува на системско ниво и ќе биде еден од моите приоритети во претстојниот период вели Богоев во интервју за Локално.

Соочен со незадоволни вработени кои бараат повисоки плати, тукушто назначениот директор на Царинската управа во чија нова канцеларија први влегоа претставници на синдикатите има верба дека сепак ќе биде постигнато заемно прифатливо решение и дека нема да се реализираат заканите за радикализација на протестите.

– Не очекувам дека ќе дојде до блокирање на граничните премини. Ги почитувам правата на вработените, како и сите легитимни и демократски права на граѓаните, регулирани со соодветни закони и колективни договори, вели Богоев.

За барањето за исплата на додатокот од 30 отсто како што рече, ќе разговара со министерот за финансии, а средба е најавена и со УЈП.

Тој додаде дека еден од приоритетните е забрзување на протокот на граничните премини.

– Во блиска иднина, ќе бидат спроведени реконструкции на клучните гранични премини на коридорите кои поминуваат низ нашата држава, а ќе се реализира и проект за автоматизација на граничните премини и воведување на концепт на „паметни граници“, вели Богоев.