Македонија и Македонците, книга напишана во 1918 година од Французинот Едмон Бушје д Бел (Edmond Bouchie de Belle), а печатена во 1922 година во Париз.
Французинот книгата ја пишувал од 1915 до 1918 година во Лерин, Егејска Македонија, додека бил припадник на француските воени трупи за време на Првата светска војна.
Книгата е посветена на барањето можни решенија на „македонското прашање“ по завршувањето на Првата светска војна.
Во книгата Едмон д Бел јасно истакнува дека иако Македонците имаат доста сличности со Србите и со Бугарите, сепак тие се посебен народ, кој постојано бил подложен на три соседни пропаганди кои сакале да го асимилираат: бугарската, српската и грчката.
Д` Бел за Македонците ќе напише:
„Тоа е „оспорувана раса“ која себеси не се поистоветува ниту со Бугарите, ниту со Србите. Македонскиот проблем не постои ниту од денес, ниту од вчера. Македонија и Македонците зад себе имаат долго минато, но тие нема да престанат да ја загрижуваат Европа“.
„Ако Македонија остане таква какви што е сега, затворено поле, но отворено за натпреварување на трите соседни раси: грчката, српската и бугарската, последната неизбежно ќе победи. Бугаризмот е најопасен по македонското население…“
„Македонскиот народ јасно се разликува од трите други народи во тоа што има национална свест и национален живот кој не е идентичен со останатите три народи. Прашајте го селанецот од околината на Острово или на Битола, што е… Вo 90% од случаите ќе ви одговори: Македон. Затоа добронамерниот набљудувач ќе го определува одделно ова население на кое најдобро би му одговарало името Македонски Словени или пак просто Македонци…”