Со палење сигнални огнови во тиквешките села, на денешен ден, 19 јуни во 1913 година почнало Тиквешкото востание против новиот српски окупатор кој ја заменил османлиската окупација на Македонија, по Првата балканска војна.

Тоа е прво организирано вооружено востание на македонскиот народ по Илинденското кое, поради разни причини, било долго премолчувано и од историчарите.

Тиквешкото востание траело седум дена и толку траела слободата на Кавадарци и Неготино и повеќе села од тиквешкиот регион. Македонските востаници ги ослободиле градовите Кавадарци и Неготино, како и педесеттина села од тој крај.

Востанието било крваво задушено, загинале или биле убиени повеќе од 1.000 Македонци, а околу 2.700 биле затворени. Притоа биле изгорени околу 1.000 куќи и дуќани, пред се во Кавадарци и во Неготино.

За овој настан пишувавме на 12 јуни, на денот кога востанието било објавено во кавадаречкото село Ваташа. Опширно текстот и фотографиите може да ги погледнете на овој ЛИНК.

(Подготви: Д. Г.)