Охридско-струшкиот регион денеска беше зафатен од силно невреме проследено со интензивни врнежи од дожд и град. На моменти, градот беше со големина на орев, што предизвика штети, особено на овошките и посевите.
Се огласи и градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески, кој истакна дека штетите врз земјоделските култури се огромни.
– Уште сега со сигурност можам да кажам дека штетите на земјоделските култури се 100 процентни. Општината ќе ги спроведе сите стандардни постапки за пријавување на штетите, а проценка како што кажав не е ни потребна, 100-постотна е, објави Ногачески на својот фејсбук-профил.
Тој ги повика Владата и Министерството за земјоделство да обезбедат средства од Интервентниот фонд за земјоделство за обештетување на земјоделците, апелирајќи системско решавање на проблемот со осигурувањето на земјоделските култури од елементарни непогоди кои, како што забележа, поради климатските промени ќе бидат се почести.