Дрин Ахмети, внукот на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, денеска пред медиумите рече дека ќе добие 39 отсто од уделот во деловниот објект „Соравиа“ во центарот на Скопје, само поради претприемачкиот дух.
Во структурата на сопственоста, 39 отсто ќе му припаднат на сопственикот на „ТОР Индустрис“, 51 процент ќе добие неговиот партнер од Албанија, Владимир Пјетерџокај како сопственик на Пе-Вла-Ку од Албанија, а 10 проценти ќе му останат на досегашниот сопственик Хано Соравиа.
Ахмети пред новинарите рече дека за овој удел нема да плати ниту евро, туку дека овој процент од сопственоста ќе му следува само поради претприемачкиот дух.
– Јас ќе го водам деловниот објект „Соравиа“ и затоа добивам 39 отсто. Кредитот кој го подигнавме во висина од 6 милиони евра од албанската банка Крединс Банк за да ја купиме „Соравија“ е на име на господинот Пјетерџокај. Тој таму е акционер и има добра репутација, затоа банката лесно му го одобри задолжувањето. Ова е бизнис и секој бизнис е ризик, затоа ако не оадат работите како што треба, ние ќе може деловната зграда да ја ставиме на продажба, рече Дрин Ахмети.
Тој пред јавноста објаснуваше како дошло до идејата да се купи имотот во центарот на Скопје. Тој објасни дека дознал за долговите што ги има деловниот центар, а не може да ги врати, по што стапил во контакт со австрискиот милијардер и инвеститор Хано Соравија. Имало разговори и анализи и тогаш Дрин Ахмети решил со фирмите да го купи бизнис-центарот, но да ги исплати и долговите.
„Ние почнавме од минатата година од април кога испративме писмо да имаме пристап до сите важни финансиски податоци за сите компании што имаат удел во ‘Соравија’. Баравме информации за да ги анализираме податоците и дојдовме до сознанија дека имаат голем долг, кој не може да го вратат. Го видовме ова како можност да направиме нешто. По разговорите, решивме да гледаме на ова како можност, одлучивме да одиме на средба во Виена, кај господинот Соравија. Таму јас ја претставив мојата компанија, мојот конзорциум. Дискутиравме за можноста како да најдеме договор во врска со имотот“, изјави Ахмети.
Бизнисменот посочи дека австрискиот милијардер и инвеститор Хано Соравија, кој остана со 10 проценти удели во бизнис-центарот, сакал партнери во бизнисот. Дрин Ахмети со фирмите нашол кредитна линија за да се платат долговите.
„Хано Соравија ги поздрави дискусиите. Гледаше дека има хемија меѓу нас и сакаше еден конкретен предлог во врска со ситуацијата. И тој сакаше да има мал удел во компанијата што досега ја имаше. Ние дискутиравме од октомври минатата година до мај оваа година кога потпишавме договор. Во договорот, кој е постигнат во врска со финансиите, од наша страна учеството беше најдено преку банка во Албанија, каде што партнерот има свој удел. Уплативме 51 процент за ‘Соравија’“, додаде Ахмети.
„Соравија инвест“ има долг кон банки со износ од 20 милиони евра.
„Ова е вистинската приказна за компанијата. Ние имаме повеќе од 20 милиони евра обврски. Го презедовме долгот на ‘Соравија’ како одговорност. За плаќањето на долгот на ‘Соравија’ имаме земено кредитна линија 6 милиони евра, од кои три милиони се одобрени. Ова сè е направено за иднината на ‘Соравија’“, рече Дрин Ахмети.