7 ноември 2018
1598.- Роден е шпанскиот сликар Франциско де Сурбаран, еден од најзначајните уметници на 17. век, кој со силната реалистичка постапка најчесто сликал религиозни митови. Бил врвен барок-мајстор со, за тој период карактеристичен, изразит контраст на светлина и темнина.
1781.- Во Севиља, во Шпанија, последен пат било спроведено јавно спалување од страна на инквизицијата, а последното лице обвинето дека е еретик било осудено во 1826 година.
1829.- Во Прилеп е роден Марко Цепенков, еден од најистакнатите собирачи на македонскиот фолклор. Неговата автобиографија претставува богат избор за проучување на целокупниот живот на Прилеп од тоа време. Творештвото на Цепенков е собрано во десет книги. Умрел во Софија, на 29 декември 1920 година.
1888.- Во Штип е роден Панчо Михајлов, македонски револуционер, војвода, новинар и поет, книжевник и фолклорист. Убиен бил во Софија на 14 јуни 1925 година.
1913.- Роден е францускиот писател Албер Ками, добитник на Нобеловата награда за литература во 1957 година. Неговото книжевно дело е засновано на идеите на сите присутни парадокси на современиот свет. Позната е неговата изрека „да се твори значи да се живее двапати“. Загина во 1960 година во сообраќајна несреќа. Дела: романи „Странецот“, „Чума“, „Пад“, драмските текстови „Калигула“, „Неразбирање“, есеите – „Митот за Сизиф“, „Свадба“, „Писма до германскиот пријател“, „Побунетиот човек“ и други.
1917.- Во Санкт Петербург избувнала Октомвриската социјалистичка револуција во Русија (наречена уште и Октомвриска според стариот календар – 25 октомври 1917 година). Почетокот на револуцијата го ознчиле истрелите на крстосувачот „Аврора“ и истовремениот јуриш на „Земскиот дворец“.
1944.- Ослободени се градовите Охрид и Гевгелија.
1944.- Во Битола излегол првиот број на списанието за жени „Македонка“, орган на Антифашистичкиот фронт на жените на Македонија. Од 1953 година излегувал под наслов „Просветена жена“, а од 1991 година како месечна ревија под името „Жена“.
1945.- Во Скопје излегол првиот број на „Пионерски весник“, весник на Главниот одбор на НОМСМ. Редактор на весникот бил Јонче Јосифовски.
1947.- Во Горна Џумаја (денешен Благоевград) со изведувањето на пиесата „Печалбари“ од македонскиот писател Антон Панов официјало ја започнал својата дејност Обласниот македонски народен театар. Тоа бил прв македонски професионален драмски ансамбл не само во споменатиот град, туку и во Пиринска Македонија. Театарот претставите ги давал на македонски литературен јазик.
1966.- Кинеските дипломати по советските критики упатени кон владата на Кина во знак на протест ја напуштиле прославата на Октомвриската револуција во Москва.
1972.- ФР Германија и ДР Германија, по 23 години заемно непризнавање, решиле да воспостават формални односи.
1973.- САД и Египет воспоставиле целосни диполоматски односи кои биле прекинати по шестдневната војна во 1967 година, во која израелската армија ги победила египетските сили и го зазела Синај (вклучувајќи ја и Газа), Западниот брег и Голан.
1980.- Умрел американскиот филмски актер Стив Мек Квин. Најчесто играл во авантуристички филмови. Филмови: „Седумтемина величенствени“, „Синсинати Кид“, „Бег“, „Пеперутка“, „Том Хорн“, „Ловец“.
1987.- Претседателот Хабиб Бургиба, кој бил на власт од 1956 година кога Тунис станал независен, со државен удар без пролевање крв го соборил неговиот премиер Зин ел Абидин Бин Али. Овој чин тој го оправдал со толкувањето дека 84-годишниот лидер е сенилен и не е способен да владее. Бургиба во 1974 година бил прогласен за доживотен престседател на Тунис.
1990.- Мери Робинсон станала првата жена претседател на Ирска.
1992.- Умрел словачкиот државник Александер Дубчек, водач на Движењето за рефрми во Чехословачка кон крајот на шеесетите години од 20. век, познато како „Прашка пролет“. По падот на комунистичкиот режим во 1989 година бил избран за претседател на чехословачкото собрание.
1993.- Шпанецот Федерико Мајор, со голем број гласови повторно бил избран за генерален директор на УНЕСКО.
1995.- Во хотелот „Мармора“ во Истанбул бил потпишан Договор за формирање Мешовит македонско-турски деловен совет. Советот бил формиран со цел да ги разрешува сите пречки во трговската соработка меѓу Република Македонија и Република Турција.
2001.- Белгиската авиокомпанија „Сабена“ по 80 години од постоењето, била принудена, прва од европските национални воздухопловни превозници по терористичките напади на 11 септември во Њујорк да соопшти дека банкротирала.
2013.- Руската ракета „Сојуз“ со тројца космонаути од космодромот Бајконур во Казахстан полетала кон Меѓународната вселенска станица (МВС) , носејќи го факелот за Зимските олимписки игри 2014 година во Сочи во Вселената. Ова е првпат во историјата на Олимписките игри факелот да биде испратен во Вселената. Со ракетата патувале Русинот Михаил Тјурин, Американецот Ричард Мастракио и Јапонецот Коичи Ваката. Ракетата „Сојуз-ФГ“ и капсулата „Сојуз-ТМА“ биле украсени со симболот на ЗОИ – олимписките кругови.
2016.- На 82-годишна возраст умре легендарниот пејач и композитор Леонард Коен. Неговата смрт предизвика емотивни реакции меѓу политичари, музичари и актери. Коен компонираше некои од песните кои станаа „химни“ во последните децении. Неколку генерации пееја и танцуваа на музиката на неговите најпознати композиции – „Suzanne” или „So long Marianne”. Првиот албум на Коен ги вклучува токму овие две песни и издаден е во 1967 година. Две години подоцна излегува неговиот втор албум, под влијание на кантри музиката. Таму е вклучено едно од најуспешните негови парчиња „Bird on The Wire”. Многу познати изведувачи како Џо Кокер и Џони Кеш направија кавери на оваа песна. Пред да ја започне активната музичка кариера, Коен живеел на грчкиот остров Идра, каде објавил стихозбирка и два романи. Тој се преселил во Њујорк во 1966 година, за да се посвети на музиката. Во 1995 година ја запре својата музичка кариера и стана будистички монах. Го прифати името Џикан, што значи тишина. Следните шест години не издаде албуми. Коен се врати во музиката и ја направи епската турнеја, која траеше од 2008 година до 2013 година, за време на која изведе 387 песни. На 21 септември Коен издаде нов албум насловен „You Want it Darker”. Роден е на 21 септември 1934 година во семејство на богатите Евреи во Монтреал.